Ковачевски од Брисел: Членство во ЕУ до 2030 година е остварлива цел

Премиерот Ковачевски, денеска во рамки на работната посета на Брисел, се обрати во Европскиот Парламент пред групата на европратеници, членови на Прогресивната алијанса на Социјалисти и Демократи на дебата посветена на проширувањето на ЕУ.

Ковачевски ја нагласи посветеноста на Владата да ја придвижи земјата на вистинскиот европски пат.

„Членството во Европската Унија игра клучна улога во консолидирањето и унапредувањето на македонскиот идентитет. Слично како и другите европски нации, членството во ЕУ нуди трајна заштита на македонскиот идентитет и во европски и во глобални рамки. Скрининг процесот беше тежок државнички процес, но претставува најдобар механизам за спроведување реформи кои ќе придонесат за зајакнување на демократијата и создавање зрело општество со силни и ефикасни институции. Оценките кои ги добиваме од ЕК се одлични. Нашата подготвеност и транспонираност на европското законодавство е на завидно ниво“, рече Ковачевски.