Обраќањето на премиерот Ковачевски
„Денешниот Самит на Европската Унија за Западен Балкан беше форум на кој ги разгледавме отворените прашања од национален и регионален интерес за Западен Балкан за последните геостратешки предизвици. Руската агресија во Украина претставува закана за сите земји во регионот и во овој контекст проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан треба да се гледа како неопходност, но и како влог во безбедноста на ЕУ.
Имајќи ги предвид околностите во кои се наоѓаме на Самитот денеска изразив незадоволство од динамиката со која се одвиваат процесите за пристап и отпочнување на преговори. Република Северна Македонија е земја кандидат 17 години, договорот за асоцијација и стабилизација го потпишавме точно пред 21 година, во март 2020. Европскиот совет донесе одлука за безусловен старт на преговорите меѓу ЕУ и Северна Македонија.
Но, еве сме тука денес, а преговорите сѐ уште не се започнати. Ќе бидам директен, ова што се случува е сериозен проблем и сериозен удар врз кредибилноста на ЕУ. Губиме драгоцено време кое реално го немаме на располагање.
Северна Македонија и Албанија, но и регионот не смееме да дозволиме да тапкаме во место поради една земја-членка која едноставно не успева да се искоординира и да обезбеди деблокирање на нашиот европски пат. Не смееме да дозволиме билатералните прашања да станат мултилатерални проблеми.
Северна Македонија е земја која светот денес ја препознава како земја која успева преку отворен дијалог да разреши горливи и тешки прашања. Како земја, која е посветена на изнаоѓање на заеднички прифатливи решенија кои се базирани на европските вредности и достоинство на граѓаните.
Со истата идеја ние влеговме и во процесот на преговори со Бугарија, искрено и со желба истите да се поставени на европски вредности. Месеци наназад се инсистиравме да си го посветиме времето и внимание кон иднината и кон изнаоѓање на решенија кои ќе го деблокираат процесот за пристапување и за Северна Македонија и за Албанија.
Бугарија од друга страна реши да се врати во минатото и повторно да постави блокада, која никому не оди во прилог освен на одредени трети страни кои ќе имаат отворен терен да ги пополнат празнините кои ќе се отворат со вакви непромислени чекори кои се исклучителни важни од геостратешки аспект.
Северна Македонија досега направи многу. Ние донесовме многу тешки одлуки, работиме посветено на реформите дома, а со цел европеизација. Време е ЕУ да ги исполни ветувањата пред да даде нови.
Што се однесува до францускиот предлог, најпрво би сакал да упатам благодарност до претседателот Макрон за неговиот ангажман и вложениот напор за изнаоѓање решение. Во тој динамичен процес на работа со француското претседателство ние ги соопштивме нашите позиции и црвени линии и во тој контекст би сакал да потврдам дека предлог кој би бил прифатлив треба да ги гарантира клучните елементи – чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет.
Историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка. Преговорите помеѓу Северна Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот, Цврсти гаранции и од Бугарија и од Европската Унија дека Бугарија нема да условува со нови барања, надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и билатералниот протокол кој сѐ уште не е усогласен со Бугарија.
И секако, секое решението ќе треба да е консултирано со институциите на Република Северна Македонија. Предлогот во ваква форма каква што е во моментов, е неприфатлив за мене, за Претседателот на државата, за Владата, за коалиционите партнери и за граѓаните на Република Северна Македонија. Доколку во текот на француското претседателство се постигне разбирање за нашите позиции ние сме подготвени да се вклучиме во разговори за истите за да се започнат преговори во јуни.
Сакам да ја искористам оваа прилика и да порачам дека граѓаните на Северна Македонија може да се спокојни. Ние секогаш ги имаме во прв план стратешките интереси и цели на државата. Никој не може без наша согласност да наметне какво било решение. Ние направивме сѐ, сега ЕУ е на потег.
Во меѓувреме, Северна Македонија, Албанија и Србија активно и практично ќе ги имплементираат 4-те слободи на кои почива Европската Унија, ќе ги европеизираат општествата и ќе го подобруваат квалитетот на живот на граѓаните преку иницијативата Отворен Балкан.
Иницијативата Отворен Балкан не е замена за Европската Унија, но е контекстот кој е потребен додека да се приклучиме на семејството на ЕУ, додека чекаме предвидливи кредибилни, забрзани евроинтеграциски процеси. Денес, воедно ја слушнавме и иницијативата на претседателот Макрон за воспоставување на европска политичка заедница како платформа за стратешки политички дијалог и одлуки кои се важни за целиот европски континент. Оваа иницијатива ја поздравуваме и сметаме дека е важно да се воспостави токму во овој момент, но би сакале да видиме како ќе функционира и кои се конкретните нејзини цели. Која било иницијатива од овој карактер не смее да биде замена за полноправно членство во ЕУ.
Би сакал да заклучам со следново: Сите 27 земји, сите 27 лидери кои се приклучија на Унијата, сите се приклучија гордо со сите различности и со целосна почит за своите и за туѓите лингвистички и историски различности. Ништо од ова не било проблематизирано на европскиот пат.
Тоа е она што и ние го посакуваме ништо повеќе, ништо помалку. Почит за лингвистичкиот, културниот, етничкиот и историскиот идентитет на мојот народ. Да се приклучиме на Унијата гордо, заедно со сите членови на ЕУ, заедно со сите народи на ЕУ и исполнувајќи ги сите критериуми за членство“.