Ковачевски од Берлин: Западен Балкан има европска иднина и силна поддршка од ЕУ

Берлинскиот процес, преку инклузивната поставеност, со вклученост на сите држави од Западен Балкан, придонесува во унапредувањето на регионалната интеграција, преку решенија во согласност со стандардите на ЕУ, што е во насока и на заложбите на Република Северна Македонија, како и на сите држави од регионот, за полноправно членство во Европската Унија, оцени премиерот Димитар Ковачевски на денешниот Самит за Берлинскиот процес што се одржа во Берлин.

Покрај Ковачевски, во Берлин беа и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Покрај македонската владина делегација предводена од Ковачевски, на Самитот присуствуваа и претседателите на владите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора, претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен и германскиот канцелар Олаф Шолц кој е домаќин на годинашниот Самит.

Како што информираат од владината прес-служба, Ковачевски посочил на значењето на европските интеграции на Северна Македонија и на Западен Балкан што го покажа актуелниот политички контекст со потребата од заеднички пристап во решавањето на безбедносните, енергетските, економските и другите предизвици од глобалната криза, поради војната во Украина.

– Премиерот Ковачевски, во таа насока се заблагодари на канцеларот Шолц, односно на Сојузна Република Германија за иницијативата Берлински процес, што придонесува во инклузивниот пристап кон овие прашања, како и на претседателката на ЕК, Фон дер Лејен за фокусот кон проширувањето на ЕУ со државите од Западен Балкан, се вели во соопштението.

Во заклучоците од Самитот, како што информираат, учесниците на Берлинскиот процес ја потврдиле важната улога на Берлинскиот процес како двигател на регионалната соработка и забрзувач на процесот на интеграција во ЕУ.

Истакната била и важноста на инклузивниот формат со којшто се еднакво поставени сите земји од Западен Балкан, а во којшто се гледа како на катализатор за економска интеграција, инвестиции и проекти за поврзување насочени кон поттикнување на помирувањето, безбедноста, растот, вработувањето и просперитетот.

-Во насока на заложбите за заеднички регионален пазар, сите учесници на Самитот го поздравија потпишувањето на Договорот за признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан и Договорот за признавање на професионалните квалификации за доктори по медицина, стоматолози и архитекти врз основа на правилата на ЕУ, коишто значително ја унапредуваат мобилноста на студентите, академиците и професионалци од Западен Балкан. Поздравено е потпишувањето и на Договорот за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан, како клучна пресвртница на Заедничкиот регионален пазар и значаен чекор напред кон отстранување на бариерите за мобилност на луѓето во регионот, се наведува во соопштението.

Заедничкиот регионален пазар, како што било оценето, останува одлучувачки и сеопфатен процес, за да се постигне економска отпорност на регионот, особено во услови на руската војна против Украина и закрепнување на државите по КОВИД-19, што ќе овозможи понатамошна интеграција на Западен Балкан во единствениот пазар на ЕУ.

-Во однос на енергетската безбедност/транзиција, зелената агенда и климатските промени, сите учесници на Самитот се согласија дека енергетската криза и транзицијата кон обновливи енергии може да се управуваат само преку подлабока регионална соработка, дека Европа треба да го преиспита снабдувањето со енергија и околу енергетската безбедност и дека е ова клучно, не само за да се обезбеди прифатлива и сигурна енергија, туку и за борба против климатските промени и намалувањето на загадувањето на животната средина, информираат од Владата.

За таа цел, лидерите на Западен Балкан ја усвоиле и Заедничка декларација за енергетска безбедност и зелена транзиција во Западен Балкан. Заложбите во неа, како што посочиле, се значително поддржани со изјави за поддршка и од другите учесници во Берлинскиот процес, особено од Комисијата на ЕУ.

-На Самитот е посочено како важно и заедничкото делување околу миграцијата, како актуелно прашање. Учесниците на Самитот се согласни дека сегашното, значително зголемување на миграциската активност, особено во регионот на Западен Балкан, создава големи предизвици за сите учесници во Берлинскиот процес, коишто бараат конзистентни и координирани мерки како одговор, односно дејствија против шверцот и трговијата со мигранти и бегалци, ефективно управување со границите, создавање одржливи системи за азил и миграција и сигурни процедури за враќање во земјите на потекло, се посочува во соопштението.

Во делот на безбедноста, учесниците заклучиле дека различните форми на организиран криминал, незаконското финансирање на организиран криминал и терористички активности, корупцијата и перењето пари остануваат важен предизвик.

– Исто така, изразена е согласност за зајакнување на истрагите за корупција, со стремеж за проширување на капацитетите на национални агенции за истражување на корупцијата, подобрување на регионалната соработка и координација, зајакнување на постоечките мрежи за меѓународна соработка и доследно и ригорозно применување и спроведување на мерките од Патоказот за незаконски финансирања и антикорупција, како важен дел од овие напори, се додава во соопштението.

Била идентификувана и потребата од поголема соработка на полето на сајбер безбедноста и борбата против различните форми на хибридни закани низ Западен Балкан.

-Во однос на други важни прашања, учесниците на Самитот ја поздравија иницијативата на германската Влада за создавање Младински културен фонд на Западен Балкан под администрација на Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), како вреден придонес за поттикнување на добрососедските односи и меѓусебното разбирање, важни за помирувањето. А, на Самитот е изразена и подготвеност за зајакнување на тековната работа за интеграција на Ромите во областа на домувањето, образованието, вработувањето, зелената и дигиталната агенда, информира владината прес-служба.

Следниот Самит на Берлинскиот процес 2023 година, учесниците се согласиле да се одржи во Албанија.