Номинацијата на Митрески за оваа функција, на предлог на партискиот лидер Димитар Ковачевски, едногласно е потврдена на вечерашната седница на Извршниот одбор на СДСМ.
„Митрески е долгогодишен пратеник на СДСМ со големо искуство, вреден, отворен, чесен и посветен на интересите на граѓаните и државата, докажан во целиот негов досегашен ангажман во македонското собрание. Сигурни сме – Митрески ќе ја извршува функцијата на највисоко ниво и во интерес на граѓаните“,
изјави вечерва портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски, соопштувајќи го одлуките на Извршниот одбор.
Претседателот на Собранието се избира на пленарна седница во парламентот со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, односно со 61 глас.
Покрај изборот на Митрески за кандидат за собраниски спикер, на седницата на ИО на СДСМ вечерва се донесени уште неколку одлуки, меѓу кои и одлуката со која претседателот на партијата Ковачевски се овластува да ги започне подготвителните разговори и консултации со парламентарните партии во врска со техничката влада.
Дополнително, ИО го задолжи генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, да го подготви роковникот за постапката, начинот и критериумите за избор на претседателски кандидат согласно статутот на партијата.
Воедно, Извршниот одбор го предложи Зечевиќ за шеф на Централниот изборен штаб на СДСМ.
Сите одлуки од вечерашното заседание на ИО на СДСМ, како што изјави портпаролот на партијата, се очекува да бидат потврдени на седница на Централниот одбор на партијата кон крајот на месецот.