Ковачевски: Не сум разговарал со Таравари за влез во Владата

Премиерот Ковачевски ги нарече шпекулации наводите дека Алијанса за Албанците ќе биде нов партнер во владината коалиција и по вторпат во два дена демантираше дека разговарал за влез на оваа политичка партија со 8 пратеници во владиното мнозинство.

Откако по лидерската средба во понеделникот пратеници јавно ја објавија оваа информација, а вд лидерот на Алијанса не ја демантираше во јавноста, почнаа да кружат и информации дека наводно течат преговори меѓу СДСМ и Алијанса во кои партијата на Таравари бара практично да ја смени Алтернатива во владиното мнозинство, а во замена да добие 4 министерски и два заменички ресори.

Според истите извори, целата процедура би требало да се заврши до крајот на месецов за да може пред Нова Година да помине и реконструкцијата на Владата.

Премиерот денеска рече дека до овој момент не разговарал за влез на Алијанса во владиното мнозинство.