„Неодговорно е во услови на криза да се блокира Собранието, тоа граѓаните не го заслужуваат. Пратениците треба да бидат одговорни бидејќи нив не ги бираат политички партии, туку ги бираат граѓаните. Тие треба да бидат таму 24 часа како што е и наведено во самиот деловник на собранието бидејќи Собранието е практично во постојано заседавање и треба да носи одлуки кои што ќе значат подобро за сите граѓани во државата“.
Ваквата порака денеска од Прилеп ја упати премиерот Димитар Ковачевски.
Тој вели дека и покрај блокадата од страна на ВМРО-ДПМНЕ, а не од целата опозиција, Собранието функционира.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски денеска од Кисела Вода порача дека блокадата на Собранието е само прв чекор од нивната стратегија за уривање на Владата.
„Сè што не е од интерес за граѓаните ние ќе блокираме во парламентот како прв чекор. Во понеделник ќе имаме седница на Извршниот комитет, ќе отвориме и дискусија и за вториот и за третиот чекор, ова е стратегија која што многу ќе трае. Ова нема да биде инстант акција која што ќе заврши денес или утре. Ова е стратегија која што ќе трае, јас не очекувам дека туку така ќе ја напуштат луѓето фотелјата која што ја држат“ – кажа Мицкоски.