Ковачевски на ФБ: СОНК продолжи со уцени кои се на штета на учениците!

„Денеска започнува втората недела во која децата нема да бидат во училишните клупи. Со одбивањето на понудата за покачување на платите од 10%, СОНК реши да продолжи со уцени кои се единствено на штета на образованието на учениците и им го отежнува секојдневието на родителите“.

Ова меѓудругото е порака која на Фејсбук денеска ја сподели премиерот Димитар Ковачевски.

„Владата прави сериозни напори за да се избори со кризата, да ги амортизира поскапувањата и да обезбеди достоинствен живот за нашите граѓани, пред сѐ за најранливите. И во вакви тешки услови на светска криза, ние сме веројатно единствената Влада која овозможи историско зголемување на платите и пензиите и силно финансиски ги поддржа граѓаните. И покрај сѐ, СОНК смета дека покачувањето на платите од 2.500 денари е малку. Во услови кога со антикризните мерки кои ги донесе владата сметките на граѓаните се помали за 4.000 денари месечно. Ова едноставно не може да се смета за разумен став туку за очигледен притисок со што е евидентно дека СОНК личните интереси го става пред оние на децата“ – пишува Ковачевски.

„Владата прави сѐ што треба за да го одржи дијалогот и да најде заеднички јазик, но барањата и односот на СОНК се целосно неприфатливи. Местото на децата е во училиштата и во оваа ситуација единствено СОНК и раководството се одговорни за тоа што тие не го остваруваат правото на образование“ заклучи премиерот.