Премиерот Димитар Ковачевски денеска имаше средба со поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан. На средбата Ковачевски му честиташе за радосната веста за одлуката на Светиот Синод на Вселенската Патријаршија со која Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија се прима во евхаристичко заедништво со останатите православни цркви.
Ковачевски на средбата истакна дека станува збор за историска одлука и долгоочекувано вековно признание за постоењето на Македонската Православна Црква, наследничка на древната Охридска Архиепископија.
Со оваа одлука на Вселенската Патријаршија, беше потенцирано на средбата, архијереите на МПЦ-ОА, свештениците и монасите, како и православните верници во нашата земја се стекнуваат со правото да соучествуваат во литургиското единство со останатите православни цркви.
Ковачевски посочи дека оваа историска одлука е донесена кога оваа генерација архијереи раководи со МПЦ-ОА и со православното свештенство, монаштво и со православниот народ и дека таа е донесена со интензивна комуникација со Вселенската Патријаршија во последните 4 години, во која со свој придонес учествуваа и претставници на Владата на С. Македонија.
Светиот архијерејски синод (САС) на МПЦ-ОА изрази најсрдечна благодарност до вселенскиот патријарх Вартоломеј за синодалниот акт за канонско и евхаристиско единство на ерархијата на МПЦ-ОА со еклисиолошкото име со кое се потврдува вековниот црковен континуитет и најави продолжување на разговорите со СПЦ до уредувањето на конечниот статус на македонската црква.
„САС на МПЦ – ОА изразува најсрдечна благодарност на Неговата Сесветост Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј за Патријаршискиот и Синодален акт за канонско и евхаристиско единство на нашата ерархија, при што, прифаќањето е со еклисиолошкото име со што се обезбедува вековниот
црковен континуитет. Истовремено ја известуваме јавноста дека продолжуваат разговорите со Српската православна црква до уредувањето на конечниот статус на нашата Црква, како и по препорака на Цариградската Патријаршија, која во рамките на светоканонскиот чин и црковно предание треба да се уредат управните прашања помеѓу двете цркви“ – се неведува во соопштението по вонредната синодска седница.