Ковачевски на Генералното Собрание на ОН: Силата е во заедништвото

„Силата е во заедништвото. Оваа лекција дека здружено можеме повеќе отколку сами, денес светот ја учи во неочекуваните околности со коишто сме соочени во 21-от век: прво пандемијата, а сега и суровата војна во Украина. Неопходно е заедништво на демократскиот свет, сега и понатаму, во надминувањето на последици од светски размери, со коишто се соочуваат државите во Европа и пошироко во светот“ рече премиерот Димитар Ковачевски во денешното обраќање во рамки на Генералното Собранието на Обединетите Нации, во Њујорк, САД.

Во својот говор на македонски јазик, Ковачевски додаде дека Македонија во концептот „Едно општество за сите„ е пример за мултиетничка демократија.

„Република Северна Македонија, во здружените напори за одговор на почетокот на војната, се постави веднаш и стопроцентно на линија на надворешната политика на Европската унија и демократскиот свет. И тоа го сторивме како држава којашто е определена кон мир, кон решенија базирани на дијалог, кон европските вредности. Но и како земја, којашто од сопственото искуство научи дека мирот, силата и напредокот доаѓаат со заедништвото – и кога воспоставивме независност по мирен пат во 1991-та година – и кога се издигнавме над внатрешниот меѓуетнички конфликт во 2001-та година – и денес, кога преку воспоставениот концепт „Едно општество за сите“, сме пример за функционална мултиетничка демократија, значаен фактор на стабилноста на Западен Балкан, а со тоа и на Европа и доверлив парнер на меѓународата демократска заедница“ рече Ковачевски.