Ковачевски: Нашата политичка цел е јасна – Западен Балкан мора да стане дел од ЕУ!

„Ова е време на големи предизвици кои бараат храбри одлуки и заедништво. Иницијативата „Отворен Балкан“ е наша заложба за стабилен регион, владеење на мир, за соработка и за економски развој – ова е нашата заложба за подобар живот на нашите народи. Наша автохтона иницијатива за европеизација на регионот“.

Вака македонскиот премиер Димитар Ковачевски го отвори Самитот „Отворен Балкан“ што се одржува во Охрид.

Според него, „Во услови кога цела Европа се соочува со последици од воената, енергетската, економската и здравствената криза земјите од регионот се природно поврзани една со друга и имаат заедничка цел – заедно да одат напред. Војната во Украина, како што посочи, е ризик за зголемено влијание на трети страни во регионот, а оставањето на геостратегиска празнина во нашиот дел од Европа, не е опција“.

„Нашата политичка цел е јасна и единствена – Западен Балкан мора да стане дел од Европската Унија. Местото на секоја земја од регионот е во Европската Унија. По тој пат одиме. Заедно се европеизираме. Земјите од Западниот Балкан се тесно поврзани. Кога има напредок во една земја, тоа е поттик за напредок кај другите соседи. Европски е да се помагаме, а не да се кочиме и блокираме. Драгоценото време треба да го користиме поефикасно. Војната која се случува во Украина, е ризик за зголемено влијание на трети страни во регионот. Затоа сите мораме да бидеме исклучително внимателни и подготвени. Оставањето геостратегиска празнина во нашиот дел од Европа не е опција. Ние сме тие што мораме да ја пополниме таа празнина и затоа постои Отворен Балкан што е наша, автохтона, органска иницијатива создадена од нашите институции, сериозно поддржана од сите народи и етникуми кои живеат во нашите држави“ – порача Ковачевски.