„Руската воена агресија во Украина е неиспровоцирана и неоправдана и е сериозно кршење на меѓународното право“. Ова го истакна премиерот Димитар Ковачевски на Вонредната средба на шефовите на држави или влади на членките на НАТО во Брисел.
Тој дека Северна Македонија се придружува кон повиците до Русија веднаш да ја прекине воена акција и да ги повлече сите воени трупи и капацитети од Украина и ја поздрави „храбрата одбрана на Украина која ја штити слободата на своите граѓани и суверенитетот на државата“.
„Во таа насока Северна Македонија силно го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, во нејзините меѓународно признати граници и нивното право слободно да ја избираат својата надворешно-политичка ориентација и безбедносни аранжмани“ – порача Ковачевски.
Премиерот Ковачевски потенцира дека во овие несигурни времиња, гордост е да се видат сите придобивки од единството на НАТО и ЕУ во одговорот на воената агресија на Русија во Украина, кои вклучуваат и важни чекори за зајакнување на одбранбените капацитети на источното крило на алијансата.
Тој истакна дека Северна Македонија обезбеди хуманитарна помош и медицински материјали за Украина и дека е подготвена да ги прифати украинските бегалци кои би дошле во земјата.