Ковачевски му нуди на Мицкоски да биде премиер на преодна Влада

Премиерот Димитар Ковачевски му нуди на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интерес на спроведување на уставните измени да ја преземе премиерската позиција во преодната Влада, брифираа денеска владини извори.

Ковачевски смета дека треба да остане на премиерската функција и до крај да го спроведе процесот на уставни измени, но во интерес на евроинтеграциите, освен пет ресори е подготвен на Мицкоски да му ја отстапи и премиерската позиција во преодната Влада, која потоа би го спровела процесот докрај, велат владини извори.

Постојат концепциски и процедурални разлики меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во однос на уставните измени, но на лидерската немало разговор за содржината на истите, туку за роковите кога да се спроведат.

За Ковачевски битна е брзината на спроведување со оглед на околностите и роковите, кои се поставени и од самата Европска Унија.

Според изворите, целта на навремено спроведување на уставните измени, согласно Преговарачката рамка е забрзување на процесот на преговори, од старт затворање на две поглавја, забрзување на евроинтеграцијата, а тоа пак овозможува поврзување со европските пазари, економски раст, повеќе инвестиции, извоз, нови работни места.

За Владата суштински е да продолжи дијалогот со опозицијата за обединување во однос на уставните измени. Владата ќе почека неколку дена ВМРО-ДПМНЕ да делегира свои претставници во работната група, но според владини извори засега нема расположение опозициската партија да учествува во работната група.

Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија кусо немаат намера да учествуваат во лицитациите на Ковачевски, Османи и Груби, дека имале јасни позиции, од кои не остатупаат.

„ВМРО-ДПМНЕ нема намера да учествува во лицитациите на Ковачевски, Османи и Груби, имавме јасни позиции, од тоа нема поместување. ВМРО-ДПМНЕ има премногу јасни позиции и од тоа нема поместување. Несериозно е продолжувањето со лицитации, кое само покажува дека СДС ниту биле искрени, ниту пак имаат намера да ги заштитат националните интереси, ниту пак вистинска интеграција. За нив ова е борба за функции и за преживување и одбегнување на кривично гонење. Ковачевски треба да знае дека функциите ниту му се во џеб, ниту тој е тој кој дава или зема, тоа го прави само народот на избори“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.