„Изборот на македонскиот народ заедно со сите други народи беше македонската држава да биде создадена како дом на слободата за сите нејзини граѓани, без исклучок, држава на сите и за сите, како што е денеска ЕУ, напредна и прогресивна. Затоа имаме силни големи причини да славиме и да бидеме дел од прославите ширум Европа, да ја славиме победата над фашизмот и големата идеја за Европа“.
Ова е пораката која денеска ја испрати премиерот Димитар Ковачевски на пригодната свеченост по повод 9. Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.
„Од денешен аспект од огромно историско значење е што создавањето на македонската држава се оствари и низ учеството на партизанските единици на антифашистичкиот сојуз. Тоа учество беше и останува вистинската страна на историјата, единствениот и вистински избор“ рече Ковачевски.
Додаде дека„ ние граѓаните на Македонија ја избравме Европа и Унијата затоа што се изградени на вредности во кои веруваме и ги практикуваме и ние“.
„Оттаму кога велиме дека ЕУ е избор на нашите граѓани, велиме дека тоа е и избор за економски посилна Европа, поправедна и побезбедна Европа која ни припаѓа на сите нас. Затоа сме горди и на овој избор ја избравме иднината на ЕУ и иднината што му припаѓа на секој европски граѓанин. Македонија секогаш ќе биде Европа. Тоа е нашиот избор за посигурна иднина за нашите млади и за идните генерации. Обединети во овој избор околу европските вредности може да се соочиме со предизвиците на нашето време“ рече тој.
Евроамбасадорот Дејвид Гир, пак, истакна дека ЕУ која ја славиме денес, е процес кој трае.
„Во стратешки интерес и на ЕУ и на регионот е процес на пристапување да напредува сега. Во пракса ова значи итно отворање на преговорите за членство со Македонија и Албанија. Паралелно земјата мора да продолжи да напредува во својот реформски пат за да биде целосно подготвена откако ќе ја преземе одговорноста за членството. Овие реформи започнуваат со зајакнување на владеењето на правото, борбата против корупција и опипливи чекори за подобрување на животот на граѓаните. ЕУ и нејзините земји членки ќе бидат покрај вас да ве поддржуваат во сите овие реформски чекори заедно со нашите меѓународни партнери“ рече Гир.
Амбасадорката на САД во земјава – Кејт Мари Брнз смета дека секоја од нациите што денеска се тука имаат свој уникатен идентитет што потекнува од заедничкото искуство, заедничка историја за почит на демократијата, суверенитетот и територијалниот интегритет и заедничката историја на штитење на слободата и правичната иднина за сите.
„Венците што се положуваат тука го поврзуваат и обединуваат народот на Македонија со другите низ Европа кои денес положуваат цвеќе. Тоа се симболи на оние кои ги дадоа животите и симболи на нашата посветеност да ги одржиме принципите за кои се жртвувале“ – истакна Брнз.