Ковачевски: Македонија е европска држава и ќе биде член на ЕУ

Ние не сме направени од лажните чоколади на Груевски, Мицкоски и Ставрески, ниту од лажните стиропор и барок на Груевски, па да не стопи еден дожд. Сакам да ве замолам да ги тргнете чадорите барем на момент и да види платениот Национален сервис, платен од партиски пари колку не има овде за европска Македонија.

Вака денеска го започна говорот претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на митингот на СДСМ, Коалицијата за европска иднина и кандидатот за претседател Стево Пендаровски, кој се одржа пред зградата на Европската Унија во Скопје, посочувајќи што се направиле изминатите седум години водејќи ја власта во државата.

„Македонија е европска држава и ќе биде член на ЕУ. Ние заслужуваме да бидеме дел од Европа. Порачуваме дека нема откажување од подобар живот, просперитет и напредок“ – рече Ковачевски.

Него, како што посочи не го создал политичкиот систем во државата, како што, според него, тоа е случај со многу претходни и сегашни политичари.

„Јас не поминав 30 години по некакви административни кабинети и таму да седам и да ја чекам својата шанса. Јас сум како вас, доаѓам од народот. Работам како што знам и умеам, со искрена желба, со добра мисла и волја, со оптимизам, храброст и разум. Немам предрасуди и немам ниту грам ниту политичка и лична суета. Признавам дека во изминатиот период правевме грешки. Најмногу кадровски, но и политички, пред се, во соработката со дел од коалиционите партнери. Знам и сум свесен дека дел од нив ја поминаа црвената линија и етничките прашања ги направија бизнис. Дел од албанските партии, како и македонските од етнички прашања направија професија, бизнис и лични кариери. И тоа не е добро. И мора да се промени, веднаш после 8 мај“ – рече тој.

Ковачевски најави дека гарантираат просечна плата од 1 100 евра и минимална плата од 600 евра, како и минимална пензија од 20 илјади денари, но и просечна пензија од 30 илјади денари.

За младите, пак, гарантираат по 200 евра месечно како поддршка за секое вработување на млад човек до 26 години.

„Решени сме да ставиме крај на личните богатења, предметите во фиока и системските неправди. Ако беше, доста беше. И нема повеќе одложување на ветингот. Кој сака коменсар нека се јави, одложување на ветингот повеќе нема да има. Секој што сака да биде на позиција ќе мора да докаже од каде му е имотот, како го заработил, како од плата успеал да купи куќи и скапи автомобили. Ќе има ветинг за судиите и обвинителите, но и за пратениците, министрите, директоритие и другите раководите. И нема друга начин како да воведеме ред. Само така ќе потврдиме дека се залагаме за европски вредности“ – вели претседателот на СДСМ и носител на ИЕ1.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ на чело со нивниот лидер е истото ВМРО-ДПМНЕ кое на чело со Груевски 11 години ја зараби државата внатре, а ја изолираше надвор.

„Тоа е Македонија, држава на стиропор, на насилници, на криминалци, заплашени медиуми, на шепотење и страв. Дека се исти како и порано пример е токму Скопје, кое го направија запуштен град, со валкани улици, загаден воздух и прашина насекаде. И не само што не се извинуваат, туку сакаат истото да го повторат некажувајќи ниту збор како ќе работат. Сакаат да добијат доверба на вересија. Порачуваме, нема да ви помине тој план. Нема да успеете да ја вратите државата назад“ – рече тој.

Ковачевски на крајот од излгањето ги повика сите носители и коносители на шесте изборни единици на СДСМ, кои кажаа неколку реченици за своите кампањи за пратеници.