Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, во интервју за Слободен печат, посочува дека на македонската политичка сцена јасно се профилирани два политички блока. Едниот е политичкиот блок предводен од СДСМ, којшто иднината на земјата ја гледа интегрирана во ЕУ и кој што освен визијата за иднината ги исполнува ветувањата, како што се зголемување платите и пензиите, ги враќа парите кај граѓаните и ја развива економијата да има повеќе за сите.
Ковачевски потенцира дека Владата предводена од СДСМ, го надмина изборното ветување од 500 евра за просечна плата, но и дека денес имаме рекордна минимална плата.
„Во 2017 година просечна плата беше 360 евра, денеска ние успеавме да ја зголемиме и изнесува 630 евра. Имаме воедно и рекордна минимална плата од над 22.500 денари колку што ќе е со следното усогласување, а минималната плата во времето на владите на ВМРО-ДПМНЕ беше 8.000 денари. Значи над 130% повеќе. Платите во ТИРЗ зоните пак веќе се над 1.000 евра“, вели Ковачевски.
Зборувајќи за подобрување на животниот стандард за пензионерите, Ковачевски во интервјуто, посочува дека денес пензиите се зголемени за 50%, споредено со времето на ВМРО ДПМНЕ.
“Имаме и историско ниво на пензии – просечната пензија е околу 20.000 денари, минималната е 13.000 денари, зголемени за 50% во споредба со времето на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Ковачевски.
При тоа, Ковачевски во интервјуто потенцираше дека стапката на невработеност денес е под 13%, за разлика од 2016 кога беше над 24%, а само во една година стапката на вработеност е зголемена со нови 10.000 вработени во државата.
“Тоа се видливи и мерливи економски показатели. Вториот блок е антиевропскиот предводен од ВМРО-ДПМНЕ. Со политиките на тој блок до 2017 година Северна Македонија беше заробена држава, изолирана, со уназадена демократија, далеку од ЕУ и НАТО. Земја во која наместо кај граѓаните, парите одеа во стиропор кој денеска се распаѓаат, работникот беше потценет, третиран и продаван во светот како евтина работна сила“, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, во интервјуто за Слободен печат.
Во интервјуто за Слободен печат Ковачевски зборува и за испорачаниот резултат на СДСМ во изминатите години, пред се во делот на економијата но и во однос на стратешките цели, правејќи споредба со погрешните политики на ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ нема конкретен план, светски феномен се на партија која нема став и за жал гледаме дека тоа е истата партија која се нема поместено ниту милиметар од она што граѓаните го паметат во нивното 11 годишно владеење, вели претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во интервју за Слободен печат.
-Доволно е да се навратиме само во изминатите 2 години. Спроведуваа активна блокада во македонското Собрание и блокираа помош за граѓаните во време на криза. Го блокираат европскиот пат а не кажуваат која е алтернативата. Велеа дека ќе се случела асимилација и бугаризација, а ниту излегоа пред граѓаните да им се извинат за лагите ниту пак гласаа за договорот Фронтекст со којшто македонскиот јазик го етаблиравме во ЕУ. Немаа и се уште немаат став за ниту едно важно прашање. Светски феномени по немање став. Партија која во 21 век се уште говори за хорор, влечење за коси, која јавно кажува дека со нив нема ЕУ ниту за 100 години. Доволно е да се погледне во каква очајна состојба го доведоа главниот град Скопје, да се види дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ немаат реализирано ниту еден проект за 2 години и тој е заклучокот. Се е исто во белиот дворец, тоа е истата антиевропска матрица, вели Ковачевски.
Кога работиме за членство во ЕУ ние работиме за подобрување на животниот стандард на сите наши граѓани, на европски стандарди за живот. А ДПМНЕ нема политичка волја за продолжување на евроинтеграциите, тоа значи немаат план за иднината, додава Ковачевски.
-Нашите граѓани многу добро знаат дека натамошно блокирање или прекин на преговорите со ЕУ значи намалување на економскиот раст и платите, зголемување на инфлацијата, загрозување на стратешките интереси и нарушување на меѓуетничката кохезија. ВМРО-ДПМНЕ нема план, ниту политичка волја за продолжување на евроинтеграциите а тоа значи дека немаат план за иднината. Со нив нема економски раст, нема зголемување на платите. Тоа изборот пред граѓаните и затоа сум убеден во победа на европскиот фронт без разлика на формата, вели претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во интервјуто за Слободен печат.