Ковачевски-Келин: За натамошниот напредок на С Македонија важен е придонесот на сите субјекти во Собранието

На средбата меѓу Ковачевски и Келин, како што информираа од владиниот прес-центар, поздравена е определбата на нашата држава за демократски развој и изразени се честитки за почетокот на преговорите со Европската Унија, како стратешка цел на Северна Македонија. Воедно, заклучено е дека за натамошниот напредок на земјава важен е придонесот на сите политички субјекти во Собранието

За натамошниот напредок на Северна Македонија важен е придонесот на сите политички субјекти во Собранието, посочено е на денешната средба на премиерот Димитар Ковачевски со претседателката на Националниот совет на Федералниот парламент на Швајцарската Конфедерација, Ирене Келин.

На средбата, како што информираа од владиниот прес-центар, поздравена е определбата на нашата држава за демократски развој и изразени се честитки за почетокот на преговорите со Европската Унија, како стратешка цел на Северна Македонија.

„Носиме одлуки за добра иднина на граѓаните и на државата, со целосна заштита на идентитетските определби и на државните интереси. Практикуваме европски вредности и дома и во регионални и меѓународни рамки. Се поставивме целосно на линија на политиките на ЕУ во однос на ситуацијата во Украина, како што отсекогаш оваа земја застанувала на вистинската страна на историјата. Сега сме посветени на решавањето на предизвиците со обезбедувањето енергија и храна, со што е соочен целиот демократски свет. И од големо значење се пријателствата што ги имаме, како со Швајцарската Конфедерација, во нашите определби кон натамошниот развој на државата“, рече премиерот Ковачевски.

Освен за актуелни политички прашања во Северна Македонија и во светот, на средбата Ковачевски и Келин ја истакнале соработката на земјава со Швајцарската Конфедерација во областите на доброто владеење, владеењето на правото и животната средина, а истаканта е и грижата што Швајцарската Конфедерација ја покажува за дијаспората од нашата држава таму

„На состанокот е заеднички констатирано дека Република Северна Македонија и Швајцарската Конфедерација се пријателски држави, коишто соработуваат низ блиски билатерални односи во трите децении од нивното воспоставување, што ќе биде одбележано следната година“, додаваат од прес-центарот на Владата.