Лидерите на државите и Владите на земјите членки во Процесот за соработка во Југоисточна Европа, меѓу кои и премиерот Димитар Ковачевски, денеска во Солун ќе учествуваат на Самитот на високо ниво што го организира Грција во рамките на грчкото претседателство со ПСЈИЕ.
Покрај Самитот, ќе има и министерски состанок на кој ќе учествува министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на вчерашниот брифинг со новинарите рече дека на Самитот поканети се и германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел, кои ќе присуствуваат во улога на набљудувачи.
-Премиерот Кирјакос Мицотакис, кој ќе претседава со Самитот, ќе биде домаќин на шефовите на држави и влади во Солун за да разговараат за иднината на регионот во критичен момент што повеќе од кога било ја нагласува важноста на зајакнувањето на добрососедските односи, но и подготовката на земјите оф нашиот регион за нивна интеграција во евроатлантските институции, рече Иконому.
Додаде дека освен Грција на Самитот учествуваат Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Косово, Хрватска, Црна Гора, Молдавија, Романија, Србија, Словенија и Турција.