По повод националниот празник 2 Август – Денот на Републиката и Илинден, под слоганот „Нашата сила за иднината“ годинава, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски се обрати пред присутните делегации и граѓани на Мечкин Камен во Крушево.
„Почитуван слободарски, прогресивен, борбен народе, граѓанки и граѓани: Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и сите други – застанати едни до други, како илинденците во 1903, како асномците во 1944 – и денес, 2022 – во различно време, но повторно заедно и повторно со иста цел пред себе – светла иднина, сигурност и перспективи! Денес, овде, на Мечкин Камен, стоиме исправени во чест на нашето минато и оддаваме длабока почит на илинденците, кои пред повеќе од еден век ја создадоа Крушевската Република, заснована врз длабоки демократски принципи и еднаквост – и даваме збор. Идејата илинденска и асномска, за светла и перспективна македонска иднина – и генерациите на денешнината ја имаат пред себе – и од неа назад – нема! Има само напред! Водени од погледот кон иднината на илинденците и асномците, создадовме слободна, самостојна, суверена и независна Македонија, со сопствен и неоспорен идентитет. Уште одѕвонуваат зборовите на нашиот претседател Киро Глигоров од таа вечер: „Ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија“, со коишто е објавено и потврдено остварувањето на сонот за слободна и самостојна држава. Овие зборови ќе останат запаметени во историскиот континуитет на македонската државност. – рече Ковачевски.