Откако вицепремиерите и министрите вчера на владина седница не донесоа конечна одлука како да си ги скратат функционерските плати, премиерот Димитар Ковачевски, кој вчера бил отсутен поради настан во Тирана, денеска рече дека за недела-две ќе има решение, без да споменува можни коефициенти и бројки.
На вчерашната владина седница се расправало за предлог за измените на закон за платите и надоместоците на функционерите кои во март со одлука на Уставниот Суд пораснаа за 78 отсто, но одлука не била донесена а Ковачевски не бил присутен.
– Бараме решение кое ќе биде одржливо, за да не го укине Уставниот суд. Отворена е дискусија вчера како треба да изгледа, министрите ќе работат во текот на овие денови, за да се постигне усогласување на платата на ниво кое ќе биде поприфатливо и истоврмено одржливо, за во наредните една-две недели да излезат со решение пред Влада пред да оди во Собрание. Треба да биде прифатливо од правно гледиште, бидејќи досега два пати има паднато на Уставен, рече Ковачевски.
Функционерите досега зедоа шест полни плати со 78 процентно покачување. Покрај премиерот и министрите, подлабоки паричници добија и Претседателот на државата, судиите и обвинителите, градоначалниците, директорите на државните и на јавните претпријатија. Потегот ги разгневи сите категории граѓани, особено вработените во јавниот скетор и пензионерите, кои добиваа едноцифрени покачувања. Речиси седум месеци по одлуката на Уставниот суд, министрите конечно прифатија да расправаат за измена и за рикверц на нивните плати, само неколку месеци пред парламентарните избори.