Ковачевски за идната година очекува економски раст од 5 отсто

Премиерот Димитар Ковачевски за 2023 година прогнозира економски раст од 5 отсто, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели буџетот носи инфлација,а не развој.

Во интервју за МИА, Ковачевски рече дека буџетот не само што е реален, туку и рационален, со што се обезбедува редовна исплата на пензиите, платите и социјалните надоместоци.

„Гледано во износи, Предлог-буџетот за 2023 година има за цел да одговори на тековната криза, со 250 милиони евра директно наменети за справување со истата. Но, тој има за цел и да ја стимулира економијата, за да понатаму се постигнат посакуваните и потребни стапки од 5 проценти економски раст“, вели Ковачевски.

Мицкоски кажа дека во интервјуто на премиерот има многу лаги и манипулации. Се пожали дека во општините предводени од ВМРО-ДПМНЕ постојано има опструкции, притисоци и инспекциски контроли за да се спречи развојот.

Според премиерот Димитар Ковачевски, цените на лебот и млекото се веќе намалени, со новите мерки цените на основните производи ќе се намалат до 10 отсто.

Инфлацијата се искачи на 19,5 отсто на годишно ниво.