![](https://triling.mk/wp-content/uploads/2023/04/thumbnail-1-9-750x430.jpg)
Ковачевски: Енергетската криза ја претворивме во можност, го зголемивме домашното производството на струја во услови на светска криза
Премиерот Димитар Ковачевски во „РЕК Битола“, заедно со министрот за економија Крешник Бектеши, со генералниот директор на ЕСМ Васко Стефанов, раководството на РЕК, раководители, вработени во енергетските капацитети, во присуство на медиумите го означи крајот на грејната сезона за оваа година.
„Грејната сезона започна на 15 октомври 2022 година, вие се сеќавате дека на самиот нејзин старт имавме совет за безбедност во државата, на кој го презентиравме планот којшто не водеше во текот на целата ова грејна сезона. Тогаш јас се сеќавам што кажав, дека имаме многу јасно пред нас и активности и кадровски ресурси и контакти со соседните држави, со цел да обезбедиме непреченост во снабдување со електрична енергија. Тогаш кажав дека постојат и ризици кои доколку се остварат тогаш како многу други држави ќе имаме проблеми. Но токму поради стручноста, напорот кој го дадоа сите вработени во ЕСМ Македонија ние имавме непречено снабдување со топлинска и електрична енергија во текот на целата зимска сезона. Во услови на најголема светска енергетска криза, кога дел од земјите го пролонгираа стартот на грејната сезона, нашите граѓани имаа сигурно и стабилно снабдување со струја и парно кое стартуваше во точно пропишаниот рок и во текот на цела грејна сезона“ рече Ковачевски.
„Успеавме да ги заштитиме граѓаните, благодарение на трудот што го вложивте вие вработените во ЕСМ и сите подружници“ рече тој.
„Помошта од нашите сојузници и стратешки партнери, како и на Европската Унија со 80 милиони евра, беше многу значајна за да успееме да ги реализираме нашите напори да нема ценовен шок за граѓаните и сметките за струја да останат исти“ порача премиерот.
„Во текот на целата грејна сезона струја и парно имаше, рестрикции немаше. Зголеменото домашно производство, донесе стабилна цена. Планот даде резултат. Тоа е најдобар демант за критичарите и квази експертите кои во текот на последниот квартал минатата година предвидуваа најцрни сценарија и го вознемируваа народот. Истите тие кои беа експерти за лекување од корона, истите тие кои во корона кризата ширеа најразлични лаги, истите тие станаа експерти за производство на електрична енергија иако да ги прашаш дефиниција за ват и волт нема да може да ви кажат разлика. Тие беа демантирани токму од вас кој успеавте да произведете електрична енергија повеќе од тоа што со закон сте обврзани“ порача Ковачевски.