Ковачевски: Единството се прави во Законодавниот дом, а не со декларации

„Единството и застапувањето на нашата држава се прави во законодавниот дом, а не со еднострани декларации. Со тоа само се попречува процесот на разговори што се водат со Софија во духот на европските вредности“. Ова денеска го изјави премиерот Димитар Ковачевски како одговор на повикот на Христијан Мицкоски за национално обединување.

„Таа изјава сметам дека воопшто не е искрена, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период единствено нешто што прави е креирање хистерија во однос на разговорите што се водат со Бугарија, исто така во рамки на подготовките за работните групи што ги формиравме со бугарскиот премиер и членовите на нивната Влада заедно со нашата Влада ние упативме покана и до опозицијата, при што таа беше одбиена“ рече Ковачевски.

Тој додаде дека единството и застапувањето на нашата држава се прави во Законодавниот дом, што претставува дом на сите граѓани, што се застапени од пратениците, и доколку ВМРО-ДПМНЕ мисли дека со еднострани декларации со што единствено се попречува процесот на разговори, што се водат во духот на европски вредности, и на задржување на достоинството на сите граѓани, дека ќе помогне, тие го прават токму спротивното.

За тоа кога ќе се сретне со Мицкоски, Ковачевски вели дека таа средба ќе се случи и јавноста ќе биде навремено информирана.