„Ги насочуваме парите онаму каде е најпотребно – за финансиска поддршка на граѓаните и компаниите. Единствен приоритет во моментов е да го заштитиме стандардот на граѓаните и да одржиме економска стабилност“. Ова денеска на Фејсбук го напиша премиерот Димитар Ковачевски.
Според него, живееме во време на огромна светска економска криза.
„Силно ги субвенционираме граѓаните за електрична енергија која би била 80 отсто поскапа доколку нема субвенции. Го решивме проблемот со затоплување во Скопје. Ги поддржуваме финансиски ранливите категории на граѓани за струја и купување основни производи. Преку низа мерки ги одржуваме цените на основните производи стабилни. Со новиот пакет од 26 мерки 400 милиони евра од буџетот насочуваме за поддршка на граѓаните и компаниите“ – напиша Ковачевски.
Тој потенцира дека покачена е минималната плата и има рекордно покачување не пензиите.
„Сакам јасно да порачам, сите функционери, сите оние кои работат и се платени од граѓаните максимално одговорно да ги трошат државните пари. Истовремено, сакам да им порачам на граѓаните и на компаниите дека секој има одговорност за рационално користење на енергетските ресурси во време на голема енергетска криза. Ова ќе биде тешка економска година, но силно верувам дека заедно ќе ја пребродиме“ – напиша Ковачевски.