Пратеник и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ – Александар Николоски на денешната собраниска седница за поставување на пратенички прашања го праша премиерот Димитар Ковачевски дали смета дека во Македонија се живее добро и дали не е време за оставка и одржување на предвремени парламентарни избори.
„Македонија се соочува со континуирана национална катастрофа години наназад, не само неколку месеци, директно негирање на македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, култура, историја, традиција, македонскиот народ. Македонија како што сите знаеме направи болен компромис и го промени името на државата, преку промена на Уставот, како тоа да не беше доволно, паралелно ни се случува економски пустош, инфлацијата галопира, на основните производи некаде е и над 100 проценти, електричната енергија континуирано поскапува, граѓаните во овие денови се во исчекување на ново поскапување на електричната енергија, која што за домаќинствата веројатно ќе достигне и до 130 проценти, а за компаниите веќе сите добро знаат дека е над 500 проценти, како и за институциите односно сите оние кои што се на таканаречениот слободен пазар веќе плаќаат 5 пати повисоки цени за електрична енергија, што неминовно ќе донесе до економски застој, и за жал затворање на работни места. Секоја недела очекуваме и се случува ново поскапување на горивото, како и на основните прехранбени производи. Секоја недела гледаме како одредена категорија земјоделци искажува незадоволство од актуелната состојба, како која култура доаѓа на ред, така го гледаме незадоволството, последно е на пример со оние кои што одгледуваат пченица и житни култури. Да не зборувам за тоа дека нема ден, а да нема штрајк, и тоа дека има една општа депресија помеѓу народот, што за мене е најболно имајќи во предвид дека нивото на депресија кое што го гледам помеѓу луѓето можеби и е незапаметено во Македонија, што поттикнува голем број да си заминуваат“ – изјави Николоски.
Ковачевски одговори што се е направено откако СДСМ ја презеде власта.
„Јас ќе ви дадам споредби, па вие ќе ми кажете кога се живеело подобро. Минималната плата е зголемена 100 проценти во нашиот мандат. Сите вие ме критикувавте зошто застанав зад зголемување на минималната плата. Дури економистите од ВМРО-ДПМНЕ јавно кажуваа да не се качува минималната плата. Просечната плата е качена. Затоа што субвенционирањето е поради повисоко платени работни места. Во сите ТИРЗ зони сите плати се над просечната плата. Ако зборуваме за младинската невработеност таа беше 47 проценти сега е дојдена на 28 проценти. Сите активности а гаранции, обуки, се во таа насока. Тоа сега го гледаме. Во светот има највисока инфлација по Втората светска војна. Имаше и зголемување на пензиите. Порано на пензионерите им беа зголемувани пензиите еднократно пред избори. Воведовме методологија“ – кажа Ковачевски.
За барањето за предвремени парламентарни избори, премиерот остана на досегашниот став.
„Нe треба да има предвремени парламентарни избори. Избори не се во интерес на граѓаните во овие услови кога Владата се грижи за националните интереси на сите граѓани без оглед на нивната припадност. И во изминатиот период, согласно резолуциите донесени во ова Собрание, министрите без оглед на етничката припадност ги почитуваат ставовите на овој законодавен дом. Таков став искажавме пред нашите европски и НАТО партнери. Но, во Резолуцијата на Европската народна партија има негирање на идентитетот на македонскиот народ, а таму приствуваше највисока делегација на ВМРО-ДПНЕ, но не видовме изјава од вас дека сте се спротивставиле. Ние ги браниме интересите пред 27 земји на ЕУ, а вие не се изјаснивте. Сите граѓани се борат за својот национален интерес и гордост. Ние во Брисел го кажавме тоа што требаше да се каже, без да навредиме кого било, ниту дома, ниту надвор од земјава“ – рече Ковачевски.