Северна Македонија има докажани пријатели во земјите членки на ЕУ. Тие се оние земји кои гледаат кон иднината, наспроти минатото и од кои ние, Албанија, но и регионот имаме целосна поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во ЕУ. Доколку не се обезбеди прогрес на процесот на евроинтеграции, тоа ќе биде сериозен проблем и удар врз кредибилитетот на ЕУ на Балканот, напиша на неговиот фејсбук профил премиерот Димитар Ковачевски.
– Јас, Еди Рама и Александар Вучиќ денес донесовме одлука, уште еднаш да ја потврдиме позицијата дека Северна Македонија, Албанија и Србија имаат европска иднина. Решивме дека треба, пред земјите пријатели, кои се посветени на напредокот на регионот на економски и политички план и кои се залагаат за брзи и одлучни евроинтеграциски процеси, да ги повториме нашите заложби за европскиот пат на целиот Западен Балкан, пишува Ковачевски кој заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама се во Брисел каде што ќе учествуваат на самитот на ЕУ Западен Балкан во Брисел.
Ковачевски истакна дека тројцата лидери на самитот заеднички ќе ги повторат нивните ставови за процесот на евроингтеграциите на регионот. Вучиќ потврди исто така дека денеска, по детални и сеопфатени консултации со соработниците и членовите на владите, лидерите на трите земји одлучија заедно да одат на самитот, договорувајќи ги принципите кои ќе бидат главниот столб на разговорите со бројни претставници на ЕУ.
– Ќе присуствуваме на состанокот на Советот на ЕУ. Нема да има многу што да се слушне за нас, но ќе бараме да бидеме слушнати за идејата за Нова европска политичка заедница која ја поддржуваме, за Отворен Балкан кој го промовира духот на Европа и за нашето киднапирање од Бугарија што сето тоа го уништува. Само што слушнав дека нешто денеска се придвижува во Бугарија. Прерано е за оптимизам и премалку за промена на делот од утрешниот говор каде Бугарија ќе биде критикувана како земја која киднапирала две земји од НАТО додека има жешка војна на европската граница!, наведува Рама.
Ковачевски, Вучиќ, Рама и нивните колеги од другите земји од Западен Балкан се повикани во Брисел на средба со челниците од ЕУ, што треба да се одржи в четврток, пред јунскиот самит на Европскиот совет на кој ќе се разговара за проширувањето на Унијата. На самитот за Србија нема да има отворање на ниту еден кластер.