Ковачевски: Договоривме координирано регионално справување со последиците од војната во Украина

Премиерите на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, на Црна Гора Здравко Кривокапиќ, на Република Романија Николае Чука и на Република Бугарија Кирил Петков како домаќин на Состанокот на шефовите на влади на земјите членки на НАТО од Југоисточна Европа, одржаа прес-конференција после работниот дел на нивната средба во Софија.

Бугарскиот премиер Петков информираше за заклучоците од состанокот меѓу кои ги издвои согласноста на премиерите за важноста на овие координации и на регионално ниво имајќи ги во фокусот ризиците од војната во Украина, при што вниманието на средбата била посветена на соработката за справување со бегалската криза, на кризата во снабдување со енергенси и со основните стратешки прехранбени производи, кои се посебно значајни и како логистика на мобилноста на воените капацитети.

Во продолжение на ова соопштение, ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференцијата во целост:

“Најпрво благодарам за организирањето на овој важен состанок кој доаѓа само неколку дена по вонредниот Самит на НАТО во Брисел.

Денес како сојузници пративме уште една силна порака на поддршка и солидарност со Украина, но и за идна координација и зголемена комуникација помеѓу овие четири држави во регионот.

Состанокот на шефовите на Влади на земјите членки на НАТО од Југоисточна Европа е наш регионален придонес за посилна отпорност и координација во врска со потенцијалните ризици и закани од последиците на војната како и безбедносната и хуманитарна криза во Украина.

Оваа војна во Украина создаде нова реалност во сите сфери на нашиот живот, а особено во поглед на координирањето на сите напори во производство на храна и синџирите на набавка, како и нивната стабилизација, испораката и производството на енергија, како и во полето на одбрана и воена координација.

Уште еднаш ја осудивме воената агресија на Русија против Украина.

Како премиер на Северна Македонија сакам да истакнам дека го почитуваме територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Сега одговорноста е да се соочиме со новата стратешка реалност во европската и трансатлантската безбедност.

Сојузниците решително одговорија на овој воен конфликт и исто така сите земји дадоа своја поддршка, не само на украинскиот народ којшто е во Украина, туку и на украинскиот народ кој побегна од својата земја и којшто наеднаш стана бегалци.

Северна Македонија соодветно се усогласи со надворешната и безбедносна политика на ЕУ затоа што ние ги споделуваме истите вредности со ЕУ и земјите на НАТО.

Потенцирав дека проширувањето на ЕУ во суштина е безбедносна политика и дека застојот во овој процес остава дополнителна нестабилност за регионот затоа што има неколку негативни тенденции и создава простор за злонамерно влијание на трети земји.

Одложување на пристапниот процес кон ЕУ за земјите од регионот создава дилеми што може да резултираат со намалување на довербата кај граѓаните во ЕУ. Сепак дури и со вакви предизвици Северна Македонија останува силно посветена на одржувањето добрососедски односи и промовирање соработка меѓу земјите од нашиот регион.

Наша обврска е да останеме фокусирани на промовирање на тие вредности и принципи.

Во текот на нашето претседателство со ОБСЕ во 2023 година ќе настојувам да го искористиме потенцијалот и на другите регионални иницијативи за подобро поврзување, разбирање и меѓусебна координација.“