Ковачевски: Договорен е јаглен за термоелектраните и мазут за ТЕЦ Неготино
Првиот човек на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), Васко Ковачевски, уверува дека сега од домашно производство се обезбедува 100 проценти струја за домаќинствата и за малите потрошувачи што се на регулираниот пазар, но дека се прават и техничките подготовки на постројките, како и увоз на јаглен и на мазут, за целосно искористување на капацитетите во зима. Со тоа, треба да се покријат потребите на ЕВН хоум, како универзален снабдувач, на Електродистрибуција (за загубите во системот) и на МЕПСО.
Ковачевски вели дека за увоз на јаглен и на мазут веќе се потрошени околу 55 милиони евра, а дека следат и нови испораки согласно веќе потпишаните договори, како и склучувања на нови договори.
– За РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“ се прави ископ на сопствен јаглен и дополнително се склучени договори за увоз со Албанија и со Грција, и се прават напори за склучување договор со Косово. Тоа значи дека за наредната година нашата компанија ќе набави 1,5 милиони тони на јаглен, што значи дека ќе имаме сигурно производство на термоелектраните. Хидропотенцијалот е некаде 55 проценти од капацитетот, што е 70 до 80 проценти од просекот во изминатите 10 години. Водата ја штедиме и хидроенергијата ја користиме исклучиво за балансирање на системот – изјави Ковачевски по средбата на претставниците од Владата со Македонската енергетска асоцијација при Стопанската комора.
Ковачевскин информираше и дека ТЕЦ „Неготино“ со одлука на Влада веќе е доделен на АД ЕСМ и се завршуваат правните процедури. Тој информираше дека сега РЕК „Битола“ работи со два блока и дека во РЕК „Осломеј“ се одвива ремонт, но уверува дека на почетокот на грејната сезона и двата капацитети ќе бидат ставени целосно во функција.
Во врска со топлинската енергија, Ковачевски информираше дека АД ЕСМ со одлука на Влада формира 3 нови компании: производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија.