Денеска до Владата од француското претседателство со ЕУ пристигна предлог со идеи кои се однесуваат на нашите јавно изнесени позиции и ставови во однос на спорот со Република Бугарија, објави на Фејсбук премиерот Ковачевски.
– Овој предлог, при чие изготвување се земени предвид нашите позиции и барања, ќе биде ставен на широк консултативен процес. Консултации во следните денови ќе се прават во Владата, со политичките партии, со претседателот на државата, Парламентот, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупна јавност во земјата. По овие консултации ќе се донесе одлука во однос на предлогот, наведува Ковачевски во објавата.
Тој додава дека како што вети Владата и наспроти шпекулациите на опозицијата, одлуката за нашата иднина ќе ја донесеме заеднички согласно стратешките интереси на земјата и на сите наши граѓани.
– Упатувам благодарност до Претседателот Макрон и Француското претседателство, за нивните напори да се надминат пречките и да се зачува европскиот кредибилитет на Балканот, вели Ковачевски во објавата.
Претходно и од Владата потврдија дека преку Министерството за надворешни работи, од француското претседателство пристигнал предлог со идеи кои се однесуваат на нашите јавно изнесени позиции и ставови.