Ковачевски: Да се проверат тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ за директорот на АНБ

Службите што водат истраги треба да проверат дали новиот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Зарко Милошевски бил вмешан во случаите„ Онишченко“, „Диво насиље“ и „27 Април“, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, откако таквите тврдење ги изнесе опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот вели дека новиот директор на АНБ е професионалец, кој од 1997 година работи и напредува во службата, а посетувал и бројни обуки.

„Сметам дека опозицијата при назначување на секој функционер има напади. Јас барем знам за сè што мене ме напаѓаа, дури и мртви роднини ми споменуваа, така што одговорот на тоа прашање најсоодветно ќе можат да ви го дадат соодветните служби кои се занимаваат со истраги, а тоа се служби кои не се дел од Владата“, рече Ковачевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека Зарко Милошевски бил началник во единицата за борба против екстремизам во тогашната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК) во време на настаните од 27 април 2017-та година и тоа од власта не го негираат.

„Ако бил, зошто Милошевски не беше обвинет исто како и други лица за настаните, кои обвинителството ги класифицираше како тероризам? “, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека Милошевски е потписникот на документот со кој му се овозможило државјанство на Украинецот Олександр Онишченко, кој се наоѓа на американската црна листа. Милошевски бил помошник директор во АНБ и кога 215 криминалци од регионот и светот добиваат македонски патни исправи. Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека Милошевски како началник на единицата за екстремизам во УБК во 2015 година во текот на акцијата на македонската полиција во Диво Насеље не дал прецизни проценки за групата со која се судрија безбедносните сили. Според ВМРО-ДПМЕН тој бил дел од тимот началници на УБК во 2015, период за кој се поврзува скандалот со нелегалното прислушкување.