Ковачевски: Да се биде на вистинската страна значи да се избере патот на мирот

„Да се биде на вистинската страна, значи да се избере патот на мирот и напредокот. Денес, повторно, нашата денешна битка е токму таква – да продолжиме по патот на мирот и прогресот, без да дозволиме кој било, што било и било кога да ни го попречи овој пат“.

Ова е пораката која премиерот Димитар Ковачевски ја упати на централната манифестација во Куманово организирана по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.

„Застанавме на вистинската страна и во 2018-тата година, со потпишувањето на Договорот од Преспа, по што станавме 30-тата полноправна членка на НАТО. Денес, во услови на мировните закани во глобален контекст, се сфаќа вистинското значење на оваа тешка, но единствено исправна одлука, со којашто ги зацврстивме територијалните граници на нашата држава на европската и светската мапа“ – рече Ковачевски.

Тој додаде дека сме пред предизвикот да ги реализираме и европските интеграции и да станеме полноправна членка на Европската унија.

„Европската Унија, јасно и гласно, во документите, преку европските лидери и на дело, во формалната комуникација што е достапна на сите граѓани, секојдневно, но и трајно го потврдува признанието на македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Ја имаме целосната поддршка и во развојот на нашата мултиетничка граѓанска држава. Недвосмислено се почитува и нашето практикување на европски вредности во унапредувањето на добрососедските односи. Се вреднуваат и нашите определби со коишто се поставивме целосно на линија на политиките на ЕУ, во поглед на позициите во војната во Украина“ – нагласи Ковачевски.