Македонскиот премиер – Димитар Ковачевски вели дека во ниту еден момент не се врзал за одреден датум за преговори, оти почетокот на преговорите со ЕУ не зависи од Владата.
„Уште во експозето за формирање на оваа Влада, јас ниту во еден момент не се врзував за датум за почеток на преговорите, бидејќи тој датум не зависи од нас, туку од две страни, оти имаме отворен спор со Република Бугарија, која стави вето на почеток на преговори. И нормално, зависи од одлуката на ЕУ, односно од сите 27 членки. Така што, функционирањето и работата на една Влада, не може да се врзува со еден датум, којшто е како некоја отсечка во текот годината“ – потенцира Ковачевски.
Тој рече дека предолго време сме биле заложници на датуми.
„Ако ги погледнете извештаите за Република Северна Македонија, ќе видите дека имаме четири последователни позитивни извештаи. Доколку го погледнете усогласувањето на нашето законодавство со европското, како и усогласеноста по различните поглавја, многу јасно се забележува дека земји кои преговараат и по 10 години, имаат помала усогласеност од нашата држава“ – рече Ковачевски.
Премиерот нагласи дека нема информација за коалициски совет на бугарската владина коалиција што вечерва се одржува во Софија и на кој, според најавите, главна тема ќе бидат односите со земјава, повторувајќи дека засега нема договор со Бугарија.