Премиерот Димитар Ковачевски денеска се сретна со шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава – Дејвид Гир, при што на состанокот е поздравено лидерството на Владата и брзата реакција за ситуацијата во Украина.
„Премиерот Ковачевски ја потврди позицијата на Република Северна Македонија во согласност со позициите на нашите стратешки партнери ЕУ, НАТО и САД, за најостра осуда на руската инвазија на Украина и поддршка и придружување на санкциите кон Руската Федерација. На средбата е заеднички истакната важноста на европските перспективи на Република Северна Македонија, што ќе значи охрабрување за европерспективите и на сите други држави од Западен Балкан“ – се наведува во соопштението од Владата.
Ковачевски рече дека, на домашен план Владата е фокусирана кон поддршка на животниот стандард на граѓаните и на компаниите и во насока на надминување на предизвиците од енергетската ситуација. Во врска со односите со Бугарија, премиерот Ковачевски истакна дека разговорите на премиерско ниво и меѓу членовите на работните групи се поставени на достоинствено ниво, со цел постигнување логички решенија врз база меѓусебно почитување и разбирање.