Димитар Ковачевски – новиот лидер на СДСМ вечерва во гостување на ТВ Сител рече дека не се сретнал со поранешниот претседател на партијата, Бранко Црвенковски откако се кандидирал за прв човек на партијата.
„Сите разговори со сега веќе избраното раководство на партијата, потпретседатели, секретари, организациски секретар, меѓународен секретар и членовите на Извршниот одбор ги водев сам. Зашто јас сум во партијата речиси 30 години, од 1994 година. Со сите претседатели на СДСМ сум соработувал и ја очекувам нивната поддршка бидејќи тие имаат огромно искуство“ – рече Ковачевски.
Тој рече дека кога го правел тимот се трудел тој да биде сочинет од искусни, докажани, но и млади кадри од партијата кои ќе може да додадат нова вредност.
„Тимот е избран врз основа на принципите за коишто се залагав и во самото презентирање на мојата кампања. Тоа е дека ќе бидат стручни и ефикасни во извршувањето на своите одгворности што го побарав од сите пред да бидат номинирани. Второ, дека со својата одговорност и чесност ќе дадат пример во работењето на партијата, но и во институциите во коишто ќе бидат делегирани. Бидејќи сметам дека тие треба да бидат првите коишто ќе покажат чесност во работењето, а не само да се зборува за реформи во спроведувањето на правдата и правото во државата. И трето, во структурата на Извршниот одбор се вклучени кадри, односно лица од сите делови на државата. 50 отсто се застапени жените, што значи дека имаме родово балансиран Извршен одбор и се застапени и младите со 33 проценти. Што значи дека имаме еден спој на искуство, знаење и стручност“ – порача Ковачевски.