Македонскиот премиер Димитар Ковачевски, на денешната заедничка прес-конференција со финската премиерка Сана Марин, рече дека нацрт билатералниот протокол кој денеска пристигна во бугарското Народно собрание е документ кој дава насоки и редослед како да се спроведе Договорот за добрососедство. Според премиерот, во него нема нови барања, односно услови за Македонија.
„Билатерален протокол, тој е всушност статус и понатамошни чекори во однос на спроведувањето на Договорот за добрососедство. Тој протокол се потпишува на ниво на министерства за надворешни работи и кажува до која фаза сме стигнати и што е наредно. Тоа не е документ – нов договор во кој се додава нешто“ – вели Ковачевски.
Додаде дека преговарачката рамка треба да биде мултилатерален документ во кој се разговара и се става рамка за преговарање за пристапување во ЕУ, а билатералните прашања да се решаваат со државите со кои ги имаме.
„Затоа има и Договор со Бугарија и Преспански договор Грција“ – изјави премиерот Димитар Ковачевски.