Ковачевски во Куманово: Инфраструктурните проекти се приоритет, се градат мостови, локални и регионални патишта

Денеска увид извршија премиерот Димитар Ковачевски, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на ЈПДП, Ејуп Рустеми. За санација на мостот кој беше во исклучително лоша состојба и небзбеден за сообраќај, одвоени се скоро милион евра. Премиерот Ковачевски рече дека реконструкцијата завршува пред предвидениот рок.

Мостот кај Проевце е своевидна обиколница на Куманово и е значајна врска, за автопат А1 спој со Република Србија и со магистралниот пат А2 преку кој Република Северна Македонија е поврзана со Република Бугарија.

-Овој мост го канализира сообраќајот, кон регионите на Општините Свети Николе, Штип, Кочани и други градови и населени места во источниот дел на нашата држава. Сега овој мост кој поврзува делница со голем проток на возила, од кои голем дел тешки товарни, е повторно безбеден за сообраќај. Како што ветивме, го одржавме ветувањето – пред почетокот на зимата на нашите граѓани им овозможуваме нов рехабилитиран мост безбеден за сообраќај, изјави Ковачевски.

Изградбата на модерна инфраструктура е приоритет за Владата, бидејќи е важна и за граѓаните, бизнис заедницата, инвеститорите, туристите.

– Владата што ја предводам има јасен смер, а тоа е европска иднина и квалитетен и безбеден живот за сите наши граѓани и генерациите што доаѓаат по нас. Вложуваме во модерна патна инфраструктура. Ги обновуваме старите и градиме нови патишта, бидејќи тоа е важно за граѓаните, важно е за бизнис секторот, важно е за инвеститорите, за туристите. Приоритет е граѓаните без разлика дали живеат во урбани средини, градови, населени места или села да имаат безбедни и сигурни патишта. Изминативе пет години, Владата предводена од СДСМ изгради патишта во должина од околу 1.300 километри, што е двојно повеќе од претходните десет години, кога биле направени само околу 650 километри, рече Ковачевски.

Министерот Бочварски кажа дека инвестициите во капитални проекти значат подобрување на животот на граѓаните, развој на економијата и подобра иднина за сите. Според министерот патишта се градат во целата држава за да се овозможи рамномерен регионален развој, да се созадат услови за поволна бизнис клима за стопанството, за да се помогнеме на граѓаните во услови на економска и енергетска криза.

-За граѓаните од другите региони рехабилитацијата на овој мост можеби и не значи ништо, но за граѓаните на Куманово, Крива Паланка, Свети Николе, другите општини од регионот, па и странските патници кои транзитираат низ оваа обиколница, ова значи поголема безбедност во сообраќајот, подобри услови за комуникација, подобра инфраструктура, развој на оваа индустриска зона, изјави Бочварски.

Тој рече дека во Куманово речиси и да нема правец што не е рехабилитиран, наведувајќи ги патните правци кон Свети Николе, Никуштак, Опае, Липково, Сопот. Завршува и рехабилитацијата на магистралата од Куманово до Страцин, завршена е рехабилитација и на „Искрин мост“, следната година ќе почне рехабилитација на клучката Табановце.

-Во делот на локалните улици, за Општина Куманово ставени се на располагање речиси два милиони евра.Инвестиравме 3,3 милиони евра за водоснабдувањето во општината, рече Бочварски.

Директорот на ЈПДП Рустеми истакна дека мостот е со челични главни носачи на пет распони со должина од 172.5 метри и ширина на коловоз од 6.5 метри и тротоари од двете страни од по еден метар.

-Санацијата ги опфати  челичните носачи како и зајакнување на сите столбни места, менување на старите и оштетените лежишта, санација и зајакнување на нова коловозна плоча, нови тротоари, нова мостовска ограда, нова хидроизолација и асфалтна конструкција. Изведувач на работите е „СИНТЕК ИНЖЕНЕРИНГ“ – Скопје, надзор е „Геинг“-Скопје, а предвидените средства за санацијата на мостот се во висина од 59.7 милиони денари (околу еден милион евра). Работите се во завршна фаза и во моментов се изведуваат работи на последното поле и на крајниот столб од страната на Куманово, изјави Рустеми.