Ковачевски: Во изработка е законско решение со кое граѓаните ќе може да стават фотоволтаици на крововите

„Во однос на граѓани кога ќе можат да инсталираат на своите покриви, јас би кажал кога ќе се олеснат условите и поедностават постапките за инсталирање на фотоволтаични централи на крововите на граѓаните, веќе е во изработка законско решение“. Ова денеска го истакна премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање за законските измени за енергетика.

„Тоа прво треба да ги олесни градежните процедури за изработка на централа и тоа законско решение ќе се најде пред пратениците во текот на следниот квартал” – рече Ковачевски.

Премиерот посочи дека правилата за приклучување кои исто така се во надлежност на Министерството за економија и на кои се работи, при што ќе се обезбеди електрична енергија за разлика од сега да биде преземена од дистрибутерот на електрична енергија и третото Министерството за финансии веќе работи на подзаконски акт за да може да се воведе категоријата на даночен застапник при што ќе се олесни на дистрибутерот на електрична енергија да може да ја презема и да издава фактура на домаќинството кое не е даночен обврзник.

На аукции веќе се изработуваат фотоволтаични централи, во поголем капацитет бидејќи во неколку години наназад се избрани инвеститори кои инвестираат сопствени средства.

Со тие три решенија како и со зголемување на постојниот капацитет од 4 киловати на 6 киловати колку што е предлогот како и дуплирање на капацитетот за компаниите кои сакаат да стават на своите кровови ќе се олесни постапката односно ќе имаме постапка која ќе биде идентична со постапката и процедурите во западно европските држави каде најголемиот број од нас имале можност да видат дека во најголемиот дел од покривите се инсталирани фотоволтаични централи.