Ковачевски во Ватикан на аудиенција кај Папата

Премиерот Димитар Ковачевски по повод одбележување на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, во Ватикан ќе има тет-а-тет средба, а потоа и аудиенција кај неговата светост папата Франциск.

На аудиенцијата кај папата Франциск, заедно со Ковачевски ќе присуствуваат и ќерката Тамара Ковачевска, како и членовите на делегацијата министрите за надворешни работи Бујар Османи, за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

Ковачевски заедно со Османи ќе имаат средба и со државниот секретар на Светата Столица – Пјетро Паролин и со секретарот за односи со државите – Пол Ричард Галагер.

Програмата во чест на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, денеска делегацијата на Република Северна Македонија ќе ја заокружи со полагање венец на спомен-плочата на македонски јазик во папската базилика Санта Марија Маџоре и со пригодна културно-уметничка програма во која ќе учествуваат и наши истакнати уметници што живеат и работат во Италија.

Како дел од работната посета, премиерот Ковачевски ќе се сретне и со премиерот на Бугарија Кирил Петков.

Утре, официјалниот дел од програмата започнува со оддавање почит пред гробот на Свети Кирил во базиликата Сан Клементе, каде што митрополитите Пимен и Јосиф ќе одржат молебен во чест на Св. Кирил на кој ќе присуствува целата делегација на Република Северна Македонија предводена од премиерот Ковачевски.

Работниот дел од посетата на Италија во текот на утрешниот ден ја вклучува и средбата на премиерот Димитар Ковачевски со претседателот на Советот на министри на Италија, Марио Драги.