Ковачевски: Владата подготви закон за рестриктивни мерки, Милошоски да го стави на комисија

Претседателот на СДСМ – Димитар Ковачевски, одговарајќи на прашање за ставањето на црна листа на Катица Јанева, главна обвинителка на СЈО и Стевчо Јакимовски, претседател на ГРОМ, рече дека тоа се одлуки на институциите на САД и оти Владата подготвила закон за рестриктивни мерки, но дека тој не може да ја помине собраниската процедура.

Притоа го повика пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски да го стави законот на дневен ред на комисија.

– Се работи за одлуки што ги носат американските институции врз основа на информации со кои тие располагаат. Со оглед на тоа дека САД се наш стратешки партнер и исто како и ЕУ и Обединетите нации, Владата подготви закон за рестриктивни мерки што е поднесен до Собранието. Го видовте соопштението од СДСМ, јас можам само да повторам дека го повикуваме пратеникот Антонио Милошоски и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ да не го блокираат законот и да го пуштат во собраниска процедура, изјави Ковачевски.

Според него, очигледно е дека тој (Милошоски) од некаква причина го блокира законот да не биде ставен на комисиска расправа и со тоа да не биде донесен.

-Доколку не планираат да го стават тогаш треба да кажат од кои причини тој закон не сакаат да го стават да биде донесен во Собранието, рече Ковачевски.