„Сега е моментот за деблокада на евроинтеграциите на Република Северна Македонија, што во спротивно може да остане уште долг период отворено прашање, а тоа не е од полза на ниту една страна“.
Ова беше заклучено на денешната средба во Владата меѓу премиерот Димитар Ковачевски и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји, кој денеска е во посета на Скопје.
Ковачевски и Вархеји се согласија дека европските интеграции на Северна Македонија и на регионот се потреба на државите во регионални рамки, но и на самата Европска Унија.
Ковачевски нагласи дека тој останува посветен исклучиво на принципите на почитување на европските вредности и на разговори базирани на респект и достоинство, за што се согласиле со премиерот Петков при воспоставувањето на дијалогот и очекува односи на оваа база.
„Нашата држава ги исполни своите обврски и продолжува да дејствува целосно на линија на политиките на Европската Унија, со што уште еднаш покажа дека е достоен партер на европските држави и заслужува конечно одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ“ – рече Ковачевски.
Вархеји оствари средба и со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во Секретаријатот за европски прашања, а ќе се сретне и со шефот на дипломатијата Бујар Османи, како и со претставници на политичките партии.