Ковачевски – Вархеји: Почетокот на преговорите за С. Македонија не смее да чека

Европската интеграција на Северна Македонија не смее да се одлага ниту ден повеќе и затоа е неопходно да се искористат француското претседателство и поволниот амбиент кој постои во моментов за изнаоѓање решенија“ – ова е зедничката порака на премиерот Димитар Ковачевски и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји на денешната средба во Лондон.

На средбата, на која присуствуваа и вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерот Фатмир Бесими, премиерот Ковачевски и комесарот Вархеји се согласиле дека се создадени услови за забрзување на процесот на наоѓање решенија на релација Скопје – Софија.

Во разговорот било истакнато дека Западниот Балкан е европски регион и дека интеграцијата на земјите од овој регион подразбира и нивно членство во Европската Унија.

На економски план, премиерот Ковачевски ја истакнал одличната соработка со ЕБОР која со поддршката на големите инфраструктурни проекти го следи развојот на Северна Македонија и учествува во забрзувањето на процесите за постигнување на европските стандарди, како една од главните цели на политиките на финансиските институции на ЕУ.

Премиерот Ковачевски на средбата нагласил дека во контекст на новите глобални предизвици со кои се соочува светот, Владата внимателно ја следи и ги презема сите активности за да се одржи постоечката поддршка на странските и домашните инвестиции, како и да се  елиминираат потенцијалните негативни ефекти врз економска активност во земјата.