Премиерот Димитар Ковачевски се сретна во Владата со американската амбасадорка во земјава – Кејт Мари Брнз. На средбата разговарале за ситуацијата во Украина при што било истакнато дека воената агресија на Руската Федерација на една суверена земја е сериозна закана за мирот и безбедноста во Европа и во светот која како таква ја оцени огромен дел од меѓународната заедница.
Од владината прес-служба соопштија дека на средбата било истакнато дека во ова време на кризна состојба во светот вредноста и придобивките од членството на Република Северна Македонија во НАТО, и од стратешкото партнерство со САД се од исклучително значење.
Ковачевски во разговорот со амбасадорката ги презентирал мерките на Владата за справување со последиците од економската и енергетската криза, кои дополнително се усложнуваат со војната во Украина, и истакнал дека станува збор за сеопфатни мерки таргетирани да ја заштитат социјалната сигурност и стандардот на граѓаните, како и да обезбедат стабилни услови за работа на компаниите.
Амбасадорката Брнз нагласила дека сегашната безбедносна криза во Европа укажува на потребата од континуиран фокус на регионот и на Северна Македонија, вклучувајќи ја и Европската интеграција на земјата.