„Сегашната состојба на статус-кво никому не оди во прилог. Блокадата на пристапните преговори за земјава се чувствува во целиот регион. Неопходно е Северна Македонија да има силна и јасна европска перспектива“. Ова го рече денеска премиерот Димитар Ковачевски по средбата со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел.
На заедничката прес-конференцијаКовачевски се заблагодари за недвосмислената поддршка од Борел, земјава да добие датум за почеток на преговорите без одлагање. Според Ковачевски, единствено целосно обединета, Европа може да биде силна.
„Во период на нестабилност, како никогаш досега се јавува потреба Европа да биде обединета и силна. Војната која се случува е ризик за зголемено влијание на трети страни во регионот за што сите треба да бидеме исклучително внимателни и подготвени. Оставањето геостратешка празнина во нашиот дел од Европа не е опција, брзата интеграција на Северна Македонија и на регионот во ЕУ ќе обезбеди стабилност во Европа. Потребни ни се предвидливи, забрзани и засилени процеси на интеграција во ЕУ“ – потенцираше премиерот.
Во однос на руско-украинскиот спор, тој потсети дека Северна Македонија како членка на НАТО и земја кадидат ја постави својата позиција во линија на своите сојузници, САД и НАТО. Со колегата од Бугарија, дополни, воспоставен е нов принцип на соработка кој, според Ковачевски, е вистинскиот пат по кој ќе се дојдеме до решение на спорот.
„Од исклучитлена важност е ЕУ и земјите членки да се вклучат, зашто проширувањето со земјите од Западен Балкан е веќе стратешко и безбедносно прашање. Интеграцијата значи посветеност за стабилна и обединета Европа. Земјите од Западн Балкан се тесно поврзани – кога има напредок кај една земја, тоа е поттик за напредок кај другите соседи“ – истакна Ковачевски.