Министерот за економија Крешник Бектеши на наредната владина седница ќе ги презентира сите судски одлуки поврзани со концесиите за рудникот Иловица-Штука, најави премиерот Димитар Ковачевски.
Toj не одговори директно дали се чувствува изигран од министерот, по објавата на ИРЛ дека Бектеши ги измамил колегите со дополнителна точка за спојување на концесиите на владина седница.
„На следната седница на Влада, повторно министерот за економија заедно со неговите стручни служби, ќе ги информира сите министри за понатамошната постапка со сите документи од 2012 година, бидејќи не се работи само за една судска одлука. Меѓутоа, јасен е ставот и на Министерството за економија и на Министерството за животна средина, и на претседателот на Владата дека рудник не може да има, ако тоа не го сакаат граѓаните на регионот кадешто се дадени тие две концесии“ – кажа премиерот денеска.
Ковачевски неколкупати повтори дека концесиите се дадени во времето на Никола Груевски, а според него, рудници нема благодарение на тоа што Владата на СДСМ води постапка да не се отворат.
Тој посочи и дека државата е ставена во судски лавиринти поради концесиите дадени во времето на Груевски.
„Се работи за одлуки од времето на ВМРО-ДПМНЕ, заради кои државата е сега ставена во судски лавиринти. Се работи за голем број на судски одлуки, од коишто – дел се во корист на странскиот инвеститор којшто ги има во тоа време добиено концесиите и Министерството за економија, согласно тие одлуки носени на судовите, ќе мора да дојдат на следната седница на Влада и да ги презентираат сите одлуки. Она што е интенција на Владата е прво, која било одлука за отворање на рудник, да биде во согласност со очекувањата на граѓаните. Односно, ако граѓаните во општините од југоистокот се против отворање на рудници, тогаш рудници нема да има. Тоа е различен став од она што го имаше ВМРО-ДПМНЕ“ – кажа Ковачевски.
Премиерот повтори дека се работи за стари концесии и дека демократска придобивка е што новинарите сега можат да поставуваат прашања кои не смееле да ги постават за време на владеењето на Груевски.
„Концесиите за рудникот Иловица се дадени во 2012 и во 2013 година, од страна на Влада на ВМРО-ДПМНЕ, од премиерот Никола Груевски и неговиот советник Христијан Мицкоски кој сега е лидер на партијата. Тие рудници се во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ и во изборите за 2016 и општините во тоа време раководени од градоначалници избрани од ВМРО-ДПМНЕ, општините Босилово и Ново Село, носат одлуки за отворање на рудник Иловица за бакар и злато. Во тоа време не постоеше можност во јавноста, во медиумите, да се отвори дискусија, бидејќи во тоа време Груевски и соработнциите ги редеа вестите и никој не смееше да праша. Затоа ова е демократска придобивка, овозможува да се дознае дека не се работи за никакви нови концесии туку за стари, одобрени од страна на ВМРО-ДПМНЕ кон странски инвеститор“ – рече Ковачевски.