
Премиерот Димитар Ковачевски денеса му порача на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека нема да има предвремени парламентарни избори и подобро му е да се фати за работа, наместо постојано да бара предвремени избори, како мало дете кое бара плејстејшн.
„Прашањето на предвремени избори кое Мицкоски го најави за декември, па го презакажа за јануари е затворено, бидејќи тој тврдеше дека има парламентарно мнозинство од 61 пратеник, а на крај се покажа дека оваа Влада има зголемено мнозинство. Изборите ќе бидат во редовен термин, прво претседателските, а потоа и парламентаните избори на кои ќе формираме проевропска влада“ рече Ковачевски.
Премиерот истакна дека ВМРО-ДПМНЕ управува со 50 општини и дека треба да се посветат на работа во општините, бидејќи таму, како што гледаме ништо не се случува.
„Барањето на Мицкоски за предвремени избори ме потсетува на внук ми Никола. Цело време му велиме земи учи, работи за да напредуваш, а тој вели купи ми плејстејшн. И што и да му кажеш тој вели плејстејн, плејстејшн. И ова ме потсетува на однесувањето на претседателот на опозицијата. Предвремени ќе нема, ќе има редовни избори“, рече Ковачевски за време на прес конференцијата по вториот состанок на Советот на социјална сигурност, на кој беше усвоено и потврдено новото зголемување на пензиите.