Ковачевски: Ако има можност да се амнестираат осуденици од Монструм, ќе поднесеме амандмани

На пратеничкото прашање од ВМРО-ДПМНЕ дали како родител е подготвен да ги амнестира осудените за Монструм, премиерот Димитар Ковачевски најави амандман на предлог законот. Штом законот ќе влезе во собраниска процедура, доколку има такви случаи, пратеничката група на СДСМ ќе поднесе амандман со кој истите ќе бидат исклучени од можноста за амнестија, одговори Ковачевсни од собраниската говорница.

На денешната собраниска седница пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски го праша Ковачевски дали како родител е подготвен да ги амнестира помагателите на убиствата на децата кај Смилковското Езеро со овој закон кој го предложува во Собранието.

„Во вашиот предложен закон за амнестија господине Ковачевски деликтите како тешка телесна повреда, загрозување со опасно орудие при тепачка, противправно лишување од слобода, мачење или друго сурово нечовечко или понижувачко постапување, грабнување, малтретирање во вршење на службата, згрозување на сигурноста, повреда на угледот на Република Македонија, излагање на подбив на македонскиот народ и припадници на заедниците, запуштање и малтретирање на малолетно лице, неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, овозможување на употреба на наркотични дроги, тешки дела против здравјето на луѓето, кражба, кражба на електрична енергија, топлинска енергија или гас, тешка кражба, измама, бесправно градење, оштетување или повластување на доверители, изнуда, уцена, лихварство, перење пари, фалсификување пари и други преноси од казниво дело, даночно затајување се делата кои ќе бидат амнестирани доколку вашиот закон во Собранието помине“, истакна Стојаноски.

Хаки Азири и Фејзи Азири, двајцата осудени за помагање во случајот Монструм, можат да бидат амнестирани со законот за амнестија што го изготви Министерството за правда. Нивните бранители за медиумите изјавуваат дека делото за кое се осудени е само „помагање“ во предметниот случај, а осудените веќе отслужиле две третини од казната.

Министерот за правда Кренар Лога денеска не сакаше да коментира дали законот за амнестија им оди во прилог на двајцата обвинети за Монструм. Лога повтори дека законот бил ист и во 2018 година и очекува поддршка од пратениците бидејќи истиот закон е донесен во тој период.

Хаки и Фејзи Азири се осудени на 9 и 15 години затвор за помагање во убиството на 4 момчиња и уште едно лице кај Смилковското Езеро на периферијата на Скопје. Првите двајца обвинети Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се во бегство на Косово, додека Агим Исмаиловиќ ја отслужува казната во затвор.