Ковачевски: Ако Грците сакаат да купат дел во МЕПСО, ние сакаме да го купиме солунското пристаниште
Грчкиот електроенергетски оператор ИПТО планира да купи дел од македонски МЕПСО, пишува „Енерџи прес“. Според грчкиот портал, извршители на ИПТО подолго време разговарале со преставници на македонската влада и МЕПСО. Повикувајќи се на извори од Македонија, порталот вели дека ИПТО веќе доставил понуда, или преку стратешки договор или со зголемување на акционерскиот капитал.
МЕПСО демантира дека се воделе такви разговори.
„МЕПСО е акционерско друштво во 100 % државна сопственост. Според Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, за било какво отуѓување и располагање со акциите на АД МЕПСО односно за промена на сопственичката структура, потребна е Одлука на Владата на РСМ и тоа во ниту еден случај АД МЕПСО не може да го прави самоиницијативно“, велат оттаму за Сител.
Премиерот Ковачевски веста ја оцени како лажна и истакна дека ако Грците имаат стратегија, имаме и ние.
„Владата нема никакви разговори во делот на продавање на МЕПСО, така што се работи за дезинформации во делот на МЕПСО и нашата влада. Тие може да имаат свои стратегии исто како што ние може да имаме стратегија. Доколку тие сакаат да купат дел од некоја наша компанија, тогаш и ние сме заинтересирани за купување на солунското пристаниште “ – Димитар Ковачевски, премиер
Вицепремиерот Битиќи, пак, рече дека не ги прочитал грчките сајтови, но таков предлог засега нема.
„Не знам што пишувале грчките медиуми. Независно, тие може да изразат одреден интерес и тоа е убаво. Кога за нашата држава различни компании се интересираат да инвестираат затоа што ја гледаат гео-стратешката позиција на државата и можноста којашто постои“ – Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања
Владата пред два месеца даде концесија на грчки Архиродон за користење на водата на Црна Река за производство на струја, со изградба на хидроелектрични централи. Инвестицијата е тешка 1 милијарда евра. Познавачите критикуваа дека со ова ќе се наруши енергетската независност на Македонија и повикаа овој проект да не се дава на странска компанија.