
Коалиција за зелена иднина: Крај на пи-ар манипулациите – граѓаните не се трофеи, достоинството е најважно
➡ Александар Анѓушев, ко-претседател на ДОМ и носител на листата за Совет на општина Карпош, истакнува дека приватноста не е реквизит за кампања, туку напротив, таа е право. ➡ Ана Карајанова Димитрушева, носителка на советничката листа на Коалицијата за зелена иднина за Град Скопје, вели дека кампањата ќе се води без филмски сцени, празни ветувања и блескави слики - затоа што вистинската промена почнува со конкретни прилагодувања за оние кои се исклучувани толку години.
Коалицијата за зелена иднина презема јавна обврска изборната кампања да ја води со почит кон човекот и неговиот дом. Доста беше од пи-ар упади во приватни простори со камери и притисоци, за нас домот е интимен простор, а не сценографија за собирање политички поени. Наместо режирани посети и „задолжителни“ фотографии, избираме јавен дијалог во кој секој може да праша и да добие одговор. Токму тука се прави суштинската разлика од она што повеќе од три децении го наметнуваат „големите“ партии, се наведува во соопштението од ДОМ.
-За нас од Коалицијата за зелена иднина граѓаните и граѓанките не се трофеи, ниту статисти на туѓи партиски профили на социјалните мрежи. Праксата на телефонски закани, списоци, уцени и политичка трговија со услуги, според Коалицијата за зелена иднина, го понижува достоинството и ја разорува приватноста на граѓаните и граѓанките. Во оваа изборна кампања ние го прекинуваме тој круг: нема притисоци, нема списоци, нема „правење услуга“ за фотографија.
Пораката која ја упатуваме до јавноста е јасна — јавниот интерес пред привилегиите, општина за живеење, а не за преживување. Тоа е разликата што ја правиме и нудиме: политика со лице и со мерка, а не со маска и со сценографија.
Александар Анѓушев, ко-претседател на ДОМ и носител на листата за Совет на општина Карпош, истакнува дека приватноста не е реквизит за кампања, туку напротив, таа е право.
„Ќе разговараме со секој човек, но без камери во нивните домови. Ставовите и плановите ќе ги браниме на јавна сцена, со јасни правила и без списоци. Длабоко веруваме дека само на тој начин се враќа довербата и може да се создаде политичка култура што се разликува од онаа на која избирачите се научени последните три децении“, порачува Анѓушев.
Ана Карајанова Димитрушева, носителка на советничката листа на Коалицијата за зелена иднина за Град Скопје, вели дека кампањата ќе се води без филмски сцени, празни ветувања и блескави слики – затоа што вистинската промена почнува со конкретни прилагодувања за оние кои се исклучувани толку години.
„Скопје го замислуваме како метропола без бариери, со приоритетни пристапни коридори и адаптирани услуги на локално ниво, со имплементација на реални решенија за пристапност“, додаде Карајанова Димитрушева.
Проф. д-р Ана Угринска, ко-претседателка на ДОМ и второ место на листата за Совет на Град Скопје, појаснува дека како лекар и како човек знае дека достоинството почнува од прагот на домот.
„Ние избираме блискост без инвазија врз домовите, дијалог без наметнување. Ако политиката навистина е јавна служба, тогаш граѓаните и граѓанките се први, а камерата, последна. Во тоа е квалитативната промена што ја практикуваме во општините во кои Коалицијата за зелена иднина настапува со свои кандидати за советници “, појаснува проф. д-р Угринска.
Сретен Стојковски, носител на советничката листа за Куманово додава дека „во Куманово нема да правиме шоу-обиколки – ќе работиме на чист воздух, управување со отпад и ревитализација на јавните простори преку конкретни проекти. Нашиот пристап е инклузивен — кампањата ни е работа на терен, а не продукција на фотографии.“
„Битола заслужува паметен развој, а не политички спектакли. Ние нудиме зелени коридори, енергетска санација на јавните објекти и поддршка за културните иницијативи кои ќе ја оживеат локалната економија — без „инстаграм“ сценарија, со конкретни мерки кои ќе ги реализираме преку општинските програми и европските фондови“, порачува Рамадан Рустемов, носител на советничката листа за Битола.
Никола Киселинов, носител на советничката листа за Охрид порачува „за Охрид не сме ние тука да се сликаме покрај езерото; тука сме да го заштитиме. Нема лажни сцени: само стратегии кои ќе ја зачуваат вредноста на Охрид за генерациите што доаѓаат.“
Коалицијата за зелена иднина порачува дека не станува збор само за стил, туку за суштинска работа да се врати политиката во институциите, дебатата во јавниот простор, а почитта во секојдневниот контакт со граѓаните и граѓанките.