Претставници од правниот тим на коалицијата „Вреди“ во Тетово одржаа прес-конференција и информираат дека ќе поведат постапка пред Управен суд за нерегуларности во изборната единица 2 кои се случиле на 24 април.
Според Ријад Шаќири, кандидат за пратеник од ИЕ2, во едно избирачко место во Липково е направена нерегуларноста.
– На денот на изборите имавме ситуација при која имаше обид да се случи фамозниот „бугарски воз“ во Општина Липково. Конкретно во избирачкото место 1112/1 каде што гласаа екс-министерот Садула Дураку. Таму неговиот шофер, украл две гласачки листиња и нашиот комисионер реагирал и истиот момент прекинало гласањето. Имаше интервенција од страна на општинската изборна комисија. Целата ситуација е документирана и наведена во избирачките материјали. ДИК не го зема предвид целиот тој настан и се продолжува со истото темпо од страна на ДУИ. ДУИ пробува по секоја цена да ги манипулира изборите. Самите органи на прогон не се во нивното место каде што треба да бидат. Во случајов полицијата не реагира, имаат поставено полицајци коишто во самите избирачки места агитираат за ДУИ. Тоа е нешто, што не можеме ние да го дозволиме, сепак сме земја која претендира да биде членка на Европска унија. Имаме постојани најави од наши членови дека им се закануваат, има обиди да им се закануваат на нивните работни места, а тоа е еден феномен што треба еднаш засекогаш да го запреме. Сè додека полицијата и Обвинителството не преземаат конкретни чекори во оваа ситуација ние ќе го имаме истото и ќе се повтори, изјави Ријад Шаќири, кандидат за пратеник ИЕ2.
Абидин Абдули, правен застапник, информираше дека вчера на одржаната седница на ДИК се постапувало по нивната жалба, за изборно место во општина Липково.
– По наше барање и по барање на членот на ДИК од страна на опозицијата беше отворена гласачката кутија при што се утврди дека во неа недостасуваат две ливчиња за гласање. Во записникот којшто ние го имаме примено, пишува дека од сите избирачи кои гласале тој ден има две неважечки ливчиња. При отворање на гласачката кутија се утврди дека нема такви, нема неважечки ливчиња. Иако сите членови на ДИК увидоа дека таму имало нерегуларности, јас пред неколку минути по електронски пат добив одлука на ДИК со што нашата жалба се одвива. Нормално, согласно законот во рок од 24 часа истата ќе ја обжалиме во Управен суд, изјави Абидин Абдули.