
Бугарското здружение „Цар Борис Трети“ од Охрид поднело барање до Централниот регистар за промена на името согласно измените во Законот за здруженија и фондации. Од Културниот центар „Ванчо Михајлов“ од Битола, пак, на ден пред истекот на рокот, се уште немаат доставено барање за измени.
„До Централен регистар на 10.02.2023 година е доставен допис со барање за усогласување на работата на Здружение за афирмација на културните вредности на македонските бугари „Цар Борис Трети“ Охрид со измените и дополнувањето на Законот за здруженија и фондации. Постапката по барањето сè уште e во тек. За здружението „Ванчо Михајлов“ од Битола, не е поднесено барање“ – информираат од Централен регистар.
Собранието на почетокот на ноември минатата година ги усвои измените на Законот за здруженија и фондации според кои се забранува граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, третиот рајх и сл.
Законот за здруженија и фондации предвидува дека одобрение за употреба на име, презиме, прекар, псевдоним, кратенка или иницијали на историска личност, согласност дава министерот за правда по претходно добиено позитивно мислење од Комисијата за употреба на имињата на историски личности, а која ја формира самиот министер.