Кличко: Плановите на Русија за заземање на Киев нема да се реализираат

Виталиј Кличко – градоначалникот на Киев денеска изјави дека плановите на руските окупатори да го заземат Киев никогаш нема да се остварат.

„Денеска можам јасно да кажам: плановите на Русите да го заземат Киев не се реализираат. Тие никогаш нема и да бидат реализирани! Дури и ако успеат да добијат контрола над некои згради, тие нема да го освојат нашиот народ. Киев не се само  зградите, пред сè, се работи за луѓето“ – рече тој.

Според него, напаѓачите се обидуваат да посеат паника во градот, но ефектот се покажува спротивен.

„Луѓето се лути и полни со омраза и бараат одмазда“ – рече Кличко.

Неколку експлозии утрово одекнаа во Киев. Службите за вонредни ситуации на градот соопштија дека во гранатирањето биле оштетени две станбени згради.

Станбена зграда од 12 ката во близина на центарот на Киев беше погодена од руско гранатирање рано утринава, предизвикувајќи пожари на неколку ката, се вели во соопштението.

Зградата во областа Шевченковски се наоѓа на само неколку километри од центарот на главниот град на Украина.

Спасувачките екипи евакуираа 37 лица од зградата, се вели во соопштението.